Вашата шифра: Лавица
Имам потреба од: Психологот и социјален работник
Порака: Ве молам, поминувам низ тежок развод каде имам 2 малолетни деца.
Подолго време ги трпев сите облици на насилство. Последното е од денес каде сопругот сакаше физички да ме нападне пред детето но избегав. Каде да пријавам прво, во социјално или во полиција? Каква е постапката за семејно насилство?
Ми се заканува дека ако за 1 недела не му препишам два имоти ќе ми праател луѓе да ме утепаат. Истото и го кажа и на ќерката да ми пренесе. Имам и снимка.
Дали ако е пријавен настанот ќе бидат инволвирани децата за испрашување и дали од цср задолжително доаѓаат кај нив во училиште да разговараат со класните?
Не би сакала тоа да се случи.
Како да постапам да ги заштитам а сепак е многу сериозно и сакам да го пријавам.

Напомена дека сопругот е веќе осудуван на условна казна за семејно насилство од друго лице.
Каква е правната постапка во вакви случаи?
Се плашам ако биде приведен дека после лично он или ќе прати некој друг да ме утепа.

Ви благодарам.
Поздрав


Одговор:

Почитувана,

Ви благодарам што ни се обративте за совет и поддршка. Насилството треба да го пријавите во Центарот за социјална работа како надлежна институција, и таму да се консултирате со социјален работник за понатамошно постапување. Имено, доколку не сакате Вашите деца да бидат повикани на разговор во центарот, со самото пријавување во истиот треба да нагласите и да потпишете изјава дека барате и не сакате децата да бидат инволвирани во целиот процес, а задача и обврска на ЦСР е да ги штити најпрво децата. Од ЦСР нема да ги испрашуваат децата, туку ќе се обратат до училиште писмено или ќе разговараат со педагошко-психолошката служба.

За да Ви дадеме одговор за правните постапки, потребни ни се повеќе информации, затоа доколку сакате може да дојдете во нашето советувалиште и да добиете бесплатна правно советување.

Во однос на психолошката поддршка исто така, Ве охрабруваме да дојдете на бесплатна средба со психолог.

Ве охрабрувам да се јавите на бесплатната СОС Линија (141-700) или да го посетите нашето советувалиште и да закажете бесплатна средба со нашиот тим.


Одговара: Елена Грозданова – социјална работничка, во рамки на Советувалиштето при Национален совет за родова рамноправност.


Дигиталното советувалиште е поддржано од Комерцијална Банка АД Скопје, во рамки на проектот „Дигитализација и дигитална видливост на услугите на Советувалиштето при НСРР и СОС линијата за жени – жртви на семејно насилство“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *