Шифра: Снегулка
Имам потреба од: сите
Порака: Здраво. Пред година дена започнав врска со човек во кој се заљубив, по комуникација од два, три месеци. Човекот на првиот состанок не ми сподели дека има дете и партнерка. Тоа сама го дознав со лажни профили на фб и дознав дека има дете. По извесен период ми призна се и ми објасни дека таа му е негова прва и последна врска, дека он нема жена (бидејќи не се земени на папир ни во црква, ниту правеле свадба) ама има дете и живеат само технички под ист покрив-клише ама звучеше вистински во тој момент. Почнавме да се гледаме често, интензивна комуникација, чисти чувства. Одеднаш објави слики од нив со детето, лани од зимовање и тогаш започнаа првите проблеми. Бајката во која верував дека тој човек заслужува да има се и да биде среќен и дека јас сум таа што ќе му дадам и направам се претвори во ноќна мора. Човекот згора на се и е домазет таму. Он не се криеше-се гледавме само и исклучиво кај мене дома бидејќи он немаше каде. Ја оставаше колата пред мојата зграда, го среќаваа луѓе по лифтови, сме оделе по кафиња и кафичи на пијачка, делуваше како да не му е гајле дали она ќе знае. После многу кавги и страшни зборови кажани он секогаш се враќаше назад и јас мислев има некои емоции за мене-НО се испостави дека психички ме злоставуваше, ме понижуваше со дела, добиваше се од мене гратис и заминуваше. Јас не добив од него никогаш ништо. Постојано доаѓаше со празни раце , викаше дека е со една нога надвор од таму, дека нема комуникација со таа и дека спие само во детската соба на ќерка му, дури она спие со мајка и. Јас се изгубив во целата таа врска, исттпев толку понижувања чекајќи го да покаже дека ова стварно му е важно (имаше денови кога се беше толку убаво и само наеднаш ќе го снема-дали не се јавува, дали ќе се дистанцира со пораки, многу чудно, јас сакав да и кажам на таа жена дека нејзиниот сопруг беше со мене година дена па му реков и он ми се закани со порака дека ќе ме направи популарна и ќе објави мои слики, дури еднаш извади телефон кај мене дома и ме снимаше кога имав паничен напад. Сакам да се заштитам и правно и секако ми треба поддршка за моето нарушено ментално здравје од неговите лаги и манипулации. Потенцирам се гледаме само кај мене дома и не ми купувал никогаш ништо, значи врската не беше заснована на релација спонзор,швалер и сл. Јас го сакав тој човек и бев спремна да го чекам да си ја среди дома ситуацијата па макар и требало долго. Дали можам со поракиве да се заштитам правно ако тој еден ден одлучи да објави нешто мое било да е порака, слики или видеото? Благодарам.
Одговор:
Почитувана Снегулка,
Ви благодариме што се обративте за помош. Во однос на правниот дел Вашето прашање Ве советувам заканите да ги пријавите во најблиската полициска станица. Вашиот партнер без Ваша согласност не смее да Ве снима ниту објавува.
Би сакале да Ве охрабриме да закажете термин за советување на бесплатната, мобилна СОС-линија (141 700) и да дојдете во Советувалиштето при Сојуз-Национален совет за родова рамноправност. Притоа, сакаме да Ве информираме дека услугата на
Советувалиштето е бесплатна и опфаќа правно и психосоцијално советување со правник, психолог и социјален работник.
Одговара: Ружица Пинзовска-правна советничка, во рамки на Советувалиштето при Сојуз – Национален совет за родова рамноправност.
Одговор:
Почитувана Снегулка,
Ви благодариме што споделивте се со нас и што имате доверба да побарате помош.
Важно е да знаете дека Вашите реакции се нормални последици на една токсична и насилна средина. Начинот на кој тој се однесувал кон Вас може да остави длабоки последици врз самодовербата, чувството на сигурност и општата емоционална стабилност, и сосема е разбирливо што сега се чувствувате вознемирено и исцрпено. Тоа што го доживувате не значи слабост, туку напротив, покажува колку Ви било важно да создадете здрав однос и колку е тешко кога реалноста почнува да се разликува од тоа што Ви било ветувано. Во моментов е важно да се фокусирате на себе, на смирување, емотивна регулација и постепено враќање на својата внатрешна сила. Ние сме тука да Ви помогнеме да го обработиме сето тоа, да разбереме како ова влијаело врз Вас и да изградиме стратегии за да се чувствувате побезбедно и посилно. Не треба сами да поминувате низ ова, може да заедно да работиме чекор по чекор.
Одговара: Елена Михајловска– психолог, во рамки на Советувалиштето при Национален совет за родова рамноправност.
Дигиталното советувалиште е поддржано од Комерцијална Банка АД Скопје, во рамки на проектот „Дигитализација и дигитална видливост на услугите на Советувалиштето при НСРР и СОС линијата за жени – жртви на семејно насилство“.
