Шифра: Phoenix

Имам потреба од: Правник

Порака: Мојот сопруг е еден од оние типови опишани во вашите одговори кои ги прочитав. Во брак сме 27 години. Но, маѓепсаниот круг не престана. Постојано истото, доаѓа во бранови, дури и веќе е се предвидливо. Мислам дека се претворив во машина која санира и продолжува и со други активности. Се обидував секако. Да најдам вина и во себе, да се поправам јас, слични приказни прочитав тука. Никогаш не се вреднуваше мојот труд, мојата работа. Ја занемарив професијата, немав помош дома, а тој повеќе заработуваше и едноставно немаш сила да преживуваш и да се бориш на повеќе фронтови кога живееш до утре… Годините ништо не сменија. Се полошо е. Пред два месеци решивме да се разведеме. Не сака да потпише , се заканува дека ќе
останам на улица, ќе ми го земе старателството, ќе ме уништи. Така и почна да се однесува, како да сака да ме уништи, дури и себеси ако треба, само да не биде напуштен. Никој не е поштеден во овој виор. Постојано беснее ако не е нешто по негово или е супер фин за да добие што сака. Силата ме напушта, би сакала пак да работам. Сега сум целосно зависна од него. Изгледам силна и луѓето не претпоставуваат дека се случува нешто, а ако се доверам некому ме етикетираат и ме прогласуваат за бедна или глупа, дури сум чула дека некои сметаат дека сум луда ако го трпам тоа.
Вашите анализи одлично покажуваат дека многу е тешко да се излезе од тој круг. Ви благодарам за тоа. Некој разбира. Но, како да излезам од тој круг кога со години бев осудувана, оговарана, неприфатена од неговото семејство кои зборуваа лошо за мене насекаде во околината, се здружуваа со секој кој имаше нешто лошо да каже за мене, сакаше да ми наштети (имено кога имаше борба околу мое работно место и тие се зближија со другата страна), за да се покријат нивните лоши дела. Патем, да спомнам, тогаш ја загубив битката за постојаното вработубање и од тогаш работам со скратено време, на замени, не пријавено или било како најдам. Се обидував да се оградам. Да го заштитам моето семејство. Тука го вклучував и мојот сопруг, кој сепак не остана
имун на лошите влијанија од неговите. А понекогаш и тој требаше да биде заштитен од нив. Така се најдов во состојба да го заштитувам, за повторно да ме малтретира. Не жалам за ништо добро што сум направила. Но не знам како повеќе да се борам и кои се моите права кога со години се борев за достоен живот и работно место, а сега сум толку уморна.


Одговор:

Почитувана Phoenix,
Пред се, Ви благодариме што се обративте кај нас.
Би сакале да Ве охрабриме да дојдете во нашето Советувалиште лоцирано во Скопје.
Советувалиштето при НСРР нуди правно и психосоцијално советување со тим стручни лица: правник, психолог и социјален работник во зависност од Вашата потреба (услугите на советувалиштето се бесплатни). Можете да закажете термин на бесплатната СОС-линија (141 700) која е достапна 24/7 или доколку не сте во Скопје, може да закажете онлајн состанок со стручно лице од тимот на Советувалиштето по Ваша желба. За онлајн состанок може директно да ни се обратите со писмен допис на: sovetuvaliste@nsrr.org.mk
Во однос на правниот дел од Вашиот допис, односно за развод на брак постојат два начина: Спогодбен развод на брак (кога двете страни се согласни) и развод на брак со Тужба до месно надлежен Суд (кога едната страна одбива да се разведе). Во вашиот случај, бидејќи лицето одбива да се разведе, треба да започнете судска постапка.
Во однос на психолошкото насилство како и вработувањето, доколку сакате може да побарате и психосоцијално советување со психолог и социјален работник во рамките на Советувалиштето при НСРР.


Одговара: Ружица Пинзовска-правна советничка, во рамки на Советувалиштето при Сојуз – Национален совет за родова рамноправност.


Дигиталното советувалиште е поддржано од Комерцијална Банка АД Скопје, во рамки на проектот „Дигитализација и дигитална видливост на услугите на Советувалиштето при НСРР и СОС линијата за жени – жртви на семејно насилство“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *