Вашата шифра: Caj
Имам потреба од: Психолог
Порака: Мојот сопруг има сериозни изливи на агресија, крши по дома, се обидуваше да пали работи, децата се исплашени и ние избегавме кај роднини, но не знаеме како да постапиме понатаму за да бидеме безбедни.
Одгорор:
Ќе се обидам да ти одговорам јасно, директно и со поддршка. Ова што го опишуваш е сериозна, опасна ситуација на семејно насилство, дури и ако нема физички повреди. Ова однесување што ти го опиша е психичко, емоционално и материјално насилство. И тоа е казниво по закон за него а ризично за тебе и за децата. ТИ ВЕЌЕ СИ ПОСТАПИЛА ПРАВИЛНО. Тоа што сте заминале е првиот и најважен чекор за да бидете безбедни. Вашата ситуација е со висок ризик! Ова не е само „нервоза“. Ова може многу лесно да ескалира во физичко насилство, па дури и во смртоносен исход. Што да направите веднаш: Не се враќајте дома. Ова мора да биде правило. Ни за „разговор“, ни за „да видиме што ќе каже“. Не сте безбедни. Пријавете го случајот во полиција или во Центар за социјална работа (ЦСР) Разбирам дека може да те плаши постапката, и не е точно дека ќе биде пуштен за неколку часа. Можат да му изречат привремена мерка, забрана за приближување на пример. Полицијата и ЦСР имаат законска обврска да ве заштитат. Што треба ВАЖНО да знаете: Неговите пораки сега се класична фаза на „меден месец“ во кругот на насилство. Ништо нема да се промени. Следи уште потежок напад. Тоа го гледам секој ден во работа со жени жртви а и науката го има потврдено. Ова што го прави е облик на емоционално насилство и контрола. Манипулациите, плачењето, пишувањето, молењето….се тоа е дел од циклусот. Ова не е добро и сметам дека не се лечи само со „извинување“ или „ќе се поправам“. Особено ако не сака да оди на терапија или да зема терапија, или ако е импулсивен, агресивен тоа носи ризик за вас и децата. Кажете им дека сте безбедни и НЕМА да се враќате таму додека не биде решено, нагласете им дека тоа што се случило не е нивна вина. Децата исто така можат да добијат поддршка преку ЦСР или психолог. Во меѓувреме заштитете се со пријава, службите ќе можат да му издадат мерка забрана на приближување и контакт, да отворат предмет, да добиете правна и психолошка поддршка. Ти заедно со децата имаш право на заштита, семејно сместување, правна поддршка, советување. Пријавете на СОС Линијата за жртви на насилство на бесплатниот број 141-700, работи 24/7. Анонимно или да оставиш податоците да се проследат. Ако сакаш можеме заедно да подготвиме порака за полиција или ЦСР, да направиме план за безбедност за следните денови и процена на ризик. Тука сум за тебе. Ти и твоите деца заслужувате мир, стабилност и живот без страв. Ти благодарам за довербата.
Одговара: Елена Михајловска– психолог, во рамки на Советувалиштето при Национален совет за родова рамноправност.
Дигиталното советувалиште е поддржано од Комерцијална Банка АД Скопје, во рамки на проектот „Дигитализација и дигитална видливост на услугите на Советувалиштето при НСРР и СОС линијата за жени – жртви на семејно насилство“.
