Вашата шифра: Несреќна жена

Имам потреба од: Психолог

Порака: Се омажив за разведен маж кој од првиот брак има дете. Детето има 6 години. Постојано имам проблеми со мажот, само гледа како да побегне од дома. Во бракот со мене, добивме девојче кое сега ќе полни 1 година. Јас сум оставена дома да се грижам за неговото дете и за нашето заедничко дете. Првото дете има лош однос кон мене, секој ден ме навредува и физички и вербално ја малтретира мојата ќерка, па од таа причина и јас правам галама и му викам на него. Живееме во куќа на неговите родители. Мајката му е почината, таткото преженет и е заминат во странство кај сегашната сопруга. Со нас живеат и сестрите на маж ми и тие исто така, немаат никакво почитување. Мене ме вреѓаат и децата ги тепаат. Не се живее во оваа средина. Што да правам? Ве молам за помош. Не знам каде да се обратам. Кога му велам на мажот дека сакам да се разведам и да заминам тој ми вика никогаш нема да те оставам, можеш да заминеш ама детето да го оставиш. Ни во најлош сон не би ја оставила ќерка ми во оваа куќа.


Одговор:

Почитувана,

Ви благодарам што ни се обративте за совет. Од Вашиот допис можам да увидам дека семејната ситуација не е во најдобар ред. Би Ве посоветувала отворено и асертивно да разговарате прво со Вашиот сопруг за тоа што се случува, односно отворено да кажете како се чувствувате без да има обвинување, фокусот да биде на Вашите чувства и потреби, а секако и да дознаете кои се причините поради кои Вашиот сопруг е почесто надвор отколку дома. Што се случува во домот, што му е толку непријатно да тој оди почесто надвор? Разговарајте и за брачно советување, или индивидуална терапија, и видете дали може да најдете заедничко решение за подобрување на брачниот живот, доколку ова е Вашата потреба. Доколку не е, опцијата за развод постои, дури и да не сака да потпише, има решение, кое нашата правничка може да Ви го објасни. Во однос на неговото прво дете, сигурно му е тешка новата ситуација. Не живее со неговата мајка, а воедно татко му има и друго дете, што значи дека веќе не е единствено дете, и кај децата често се јавува љубомора, посебно ако не добиваат доволно внимание. Викањето нема да помогне никако, само може да ја влоши ситуацијата. Би Ве посоветувала исто да разговарате со детето и да видите како се чувствува, дали нешто го мачи и како може да му помогнете. Истовремено и да го подобрите вашиот однос, и да поминувате време заедно, на пример во игра која тој ја сака. Исто така, може и да го вклучите во грижата за неговата сестра за да се чувствува вклучен и како дел од новото семејство на татко му, и да гради однос со новата сестра, а и со Вас како нов негувател. Добро би било кога би одвојувале секој ден од денот, барем 10-15 минути, кадешто ќе правите нешто што тој го сака и да го оставите тој да ја води играта, а Вие да следите. Децата учат по модел, а со ова може да му покажете што значи да следиш некого и што значи послушност. А, истовремено ќе добие целосно внимание, а со тоа ќе го подобрувате вашиот однос и атмосферата во куќата. Во однос на сестрите, исто така, мора да се разговара и да се постават јасни граници дека не смее да има насилство и дека остава трага кај децата. Има опција да го пријавите насилството врз децата и психолошкото насилство врз вас, во Центарот за социјална работа и институционално да го решите проблемот. Доколку имате потреба, Ве охрабрувам да се јавите на бесплатната СОС Линија (141-700) или да го посетите нашето советувалиште и да закажете бесплатна средба со нашиот тим кој го сочинува правник, психолог и 

социјален работник.


Одговара: Елена Василева – психолог, во рамки на Советувалиштето при Национален совет за родова рамноправност.


Дигиталното советувалиште е поддржано од Комерцијална Банка АД Скопје, во рамки на проектот „Дигитализација и дигитална видливост на услугите на Советувалиштето при НСРР и СОС линијата за жени – жртви на семејно насилство“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *