Мит #1: Семејното насилство е само физичко насилство.
Факт: Семејното насилство, иако најчесто се јавува комбинирано, не подразбира секогаш физичко насилство. Тоа може да се јави во вид на контролирачко однесување, принуда, навреди, закани, понижување, сексуално насилство, финансиска злоупотреба, демнење, злоупотреба на податоци, дигитално насилство и сл.

Мит#2: Ако ѝ беше толку лошо, ќе си заминеше.
Факт: Напуштањето на насилната средина е неверојатно комплексен процес на кој влијаат следните фактори: економска зависност од партнерот и недостаток од услови за самостоен живот, заљубеност, верување дека партнерот ќе се промени, страв за својот живот и животот на децата, културни стереотипи, изгубен контакт со семејството и пријателите поради претходна изолација од партнерот и сл. Тоа што навидум изгледа како бизарно однесување, често пати е стратегија за преживување. Наместо осудување, понуди разбирање.

Мит #3: Семејното насилство се случува само во семејства со ниски примања или одредени култури.
Факт: Семејното насилство се појавува низ сите социоекономски слоеви, културни позадини и демографски категории. Тоа ги надминува сите нивоа на приходи, образование, етничка припадност и религиозна и верска определба. Секој поединец, без разлика на својот економски статус или култирна позадина, може да биде жртва или сторител на семејно насилство. Единствена димензија која се јавува како значаен фактор е родовата – жените се несразмерно повеќе погодени од насилството, на локално и глобално ниво.

Мит #4: Семејното насилство е приватна работа и не треба да се мешаме.
Факт: Семејното насилство влијае на целата заедница, а молчењето помага во продолжување на неговото постоење. Овој мит придонесува насилниците да се чувствуваат помоќни, а жртвите да останат изолирани. Семејното насилство е општествено прашање кое бара колективен пристап.

Мит #5: Семејното насилство е ретка појава.
Факт: Според Светската здравствена организација, 1 од 3 жени била жртва на физичко и/или сексуално насилство од својот интимен партнер или од трето лице во својот живот. На нашата СОС линија (141 700) се евидентираат околу 500 повици годишно. Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, во изминатите 6 години се евидентираат околу 1000 кривични пријави и околу 3400 поплаки на годишно ниво, додека не може со сигурност да се утврди бројот на случаи кои не се пријавени и во кои насилството се премолчува.

Мит #6: Религиозните луѓе не се сторители ниту жртви на насилство.
Факт: И покрај тоа што религиозните верувања и практики може да промовираат грижа, сочувство, почит и ненасилство, тие самите по себе не ги штитат поединците од вршење или доживување насилство. Насилството како феномен се јавува кај сите религиозни групи. Сторители може да бидат религиозни луѓе, вклучително лица кои важат за духовни водачи. Многу жртви кои имаат длабоки религиозни верувања може да останат во насилната средина, обидувајќи се да го одржат семејството заедно по секоја цена, дури и кога тоа објективно предизвикува сопствена штета и штета на децата.

Мит #7: Насилниците во домот се насилни во сите други релации.
Факт:
Повеќето сторители на насилство не се насилни во останатите врски при соочување со конфликти. Напротив, тие може да бидат шармантни луѓе кои се успешни во својата професија. Често, нивното насилство е насочено само кон својот интимен партнер.

Мит #8: Злоупотребата на алкохол и други супстанци е причина за семејно насилство.
Факт:
И покрај тоа што злоупотребата на алкохол и други супстанци може да предизвика појава на насилно однесување, таа не претставува причина или изговор за насилството. Вршењето насилство е избор, при што, лицата под дејство на некоја супстанца, не го вршат насилството врз кој било, туку кон одбрана жртва. Тоа се јавува во облик на контрола, манипулација и нанесување повреда на жртвата.

Мит #9: Семејното насилство подеднакво се случува на мажи и на жени.
Факт:
Секој може да искуси насилство, но жените се непропорционално повеќе погодени од овој феномен, без разлика дали станува збор за физичко, психичко, сексуално, економско, дигитално или комбиниран тип насилство. Некои фактори кои придонесуваат за оваа реалност се општествените норми и улоги кои се припишуваат на жените, нееднаквите односи на моќ, системски бариери, економска зависност, недостаток од достапни ресурси, културни обрасци кои го нормализираат насилството врз жените, стигмата и општиот историски контекст во кој жените континуирано се маргинализирани и обесправени во повеќето општества, што влијае на нивната позиција и можности денес.

Мит #10: Насилниот однос меѓу родителите не мора да влијае врз децата.
Факт:
Поголемиот број деца чии мајки се жртви на насилство, се сведоци на насилството, што предизвикува и тие да бидат индиректни жртви, а во некои случаи и директни. Иако жртвите и сторителите некогаш сметаат дека успешно го кријат насилството од своите деца, сепак, децата се свесни за неговото присуство и го чувствуваат. Тоа може да има влијание и самите да станат сторители или жртви на насилство, развој на негативни убедувања за себе и долгорочни емоционални и здравствени проблеми во понатамошниот развој.

Мит#11: Поверојатно е жените да бидат нападнати од непознат отколку од лице во кое имаат доверба.
Факт: Сторители на насилство најчесто се сегашни или поранешни партнери, потоа членови на семејството или лица во кои жртвата има доверба или имаат авторитет врз неа. Сторителите, особено на сексуално насилство и вознемирување, ја користат својата позиција и стекнатата доверба за да манипулираат со жртвата. Со тоа, препознавањето на раните знаци и барањето помош станува потешко, особено доколку станува збор за лице кое ужива почит од околината.

Мит #12: Семејното насилство се случува поради проблем со контрола на лутината.
Факт: Семејното насилство нема никаква поврзаност со лутината. Лутината и гневот се алатки кои сторителите ги користат при манипулација со жртвата, со цел всадување страв и заплашување. Всушност, сторителите се најчесто во контрола на своето однесување, зашто знаат да престанат со вршење насилство кога ќе заѕвони некој на вратата или телефонот, или кога ќе дојде трето лице. Истовремено, тие се свесни во кој дел од телото нанесуваат удари, со цел да избегнат видливи повреди и најчесто одбираат моменти кога нема сведоци. На кратко, овој тип на однесување не е предизвикан од губење контрола врз импулсите или состојба на афект, туку претставува намерна злоупотреба на одбрани лица, на начин кој не е сосема видлив за надворешниот свет.


Пишува: Ана Тодоровска, психолог во Советувалиште при Национален совет за родова рамноправност.


Дигиталното советувалиште е поддржано од Комерцијална Банка АД Скопје, во рамки на проектот „Дигитализација и дигитална видливост на услугите на Советувалиштето при НСРР и СОС линијата за жени – жртви на семејно насилство“.