Вашата шифра: исус
Имам потреба од: Психолог
Порака: Насилно однесување, угнетување, вознемирување, навредување со погрдни зборови, непочит и лумпување низ дома од мојот син, кој е 20 годишно момче.
Одговор:
Почитувани,
Ви благодарам што ни се обративте за совет и поддршка. Иако конфликтите се природен дел од семејниот живот, не е прифатливо да бидете малтретирани психички и физички. Важно е да разберете од кои причини Вашиот син се однесува на ваков начин, но и како да се справите и заштитите.
Главни ризик фактори кои може да придонесат за насилство од дете врз родител се:
Дисфункционалност во семејството, како тековни семејни кавги, проблематична комуникација која не е асертивна и се одликува со повишување на тон, каде нема активно слушање за да се разбере соговорникот и неговите/нејзините потреби, нерешени фамилијарни прашања како и изложеност на насилство во семејството, најчесто помеѓу партнерите, може да биде модел за однесување кај децата.
Предизвици во менталното здравје: Кога личноста има предизвици со сопственото менталното здравје, како што се нарушувања на однесувањето, нарушувања на расположението, најчесто е показател дека поминува низ некои емоционални потешкотии за кои не се обратило никому. (Зло)употреба на супстанции,исто така може да го зголеми ризикот за насилно однесување кон родителите.
Недостаток на граници: Во семејствата каде што недостасуваат јасни граници, децата може да имаат проблем да ги разберат и почитуваат границите, што доведува до потенцијал за навредливо и/или насилно однесување.
Злоупотреба на супстанции од страна на родителите: Родителите кои се соочуваат со зависност и (зло)употребуваат супстанции може да се соочат со насилство од нивните деца, кои може да покажат фрустрација или незадоволство поради употребата на супстанции од страна на родителите.
Препознавањето на овие фактори на ризик е од суштинско значење за проактивна интервенција, со цел да се решат основните причини и да се создаде побезбедна, поздрава семејна средина.
Колку и да е тешко да се прифати и признае, удирањето е знак на семејно насилство. Секој има право да се чувствува безбеден во својот дом. Знаејќи што да правите кога вашиот син ќе удри, може да спречите ескалација на ситуацијата. Најважно е да останете смирени и да се осигурате себе си дека сте безбедни, со тоа што ќе побарате помош од најблиските, ќе се јавите на близок или пак на полиција, иако можеби јавувањето во полиција е последно нешто на кое помислувате, но доколку не се чувствувате безбедно, во ред е да се јавите.
Во смирени моменти, обидете се да го најдете коренот на проблемот за однесувањето на Вашиот син. Можеби има проблеми кои не ги споделил, како на пример, со друштвото или пак има нешто што го мачи во домот. Иако тоа не се изговори, сепак може да имаат голем удел во однесувањето на Вашето дете. Зборувајќи за притисоците, слушајќи го внимателно, без да го осудувате, прекинувате или насочувате, може да му помогне да се ослободи од тензијата што ја чувствува. Слушнете ги и валидирајте ги неговите чувства без критика, како на пример: „Знам дека си многу лут и во ред е да што се чувствуваш така“, понудете му поддршка и помош, можете да прашате на следниот начин: „Што би ти помогнало сега?“ или пак, „Како да ти помогнам? Тука сум за тебе“. Обидете се да го разберете неговото гледиште. Кога ќе Ви верува дека можете да го чуете и да го разберете, можеби поголема ќе е веројатноста да разговара смирено.
Обидете се да ја решите расправијата со компромис или барем покажете дека сте разбрале од каде доаѓаат неговите емоции. Ако ситуацијата стане премногу вжештена и Ви е тешко да останете смирени, одете си. Избегнувајте обвинување и дајте му на Вашиот син до знаење дека ќе можете повторно да разговарате со него кога ќе се смирите.
Би Ве советувала и да побарате професионална помош, односно психотерапија и за Вас и за Вашето дете.
Ве охрабруваме да се јавите на бесплатната СОС Линија (141-700) или да го посетите нашето советувалиште и да закажете средба.
Одговара: Елена Василева – психолог, во рамки на Советувалиштето при Национален совет за родова рамноправност.
Дигиталното советувалиште е поддржано од Комерцијална Банка АД Скопје, во рамки на проектот „Дигитализација и дигитална видливост на услугите на Советувалиштето при НСРР и СОС линијата за жени – жртви на семејно насилство“.