Вашата шифра: Mnko
Имам потреба од: Брат ми е алкохоличар, сакам совет
Порака: Моментално сме шестчлено семејство и брат ми во последно време прави проблеми со пијачката, почнува ако се пријави – ќе ни правел проблеми. Го тераме да се лекува, „Ќе видите“ – се заканува, чувствувам дека ќе прави проблеми; вози кола напиен и ве молам за еден совет.


Почитувани Mnko,

Од вашиот допис разбирам дека сте загрижени за својот брат кој во последно време конзумира алкохол, што резултира со конфликтни ситуации во семејството, но и дека постои ризик за неговата безбедност поради управување со возило во алкохолизирана состојба. Конзумирањето алкохол е социјално прифатливо во нашата култура, меѓутоа кога се претвора во навика која служи за справување со животните предизвици или интензитетот на своите чувства, се претвора во штетно влијание врз тој што конзумира, но и врз неговото опкружување. Сигурна сум дека не е лесно да започнете разговор со својот брат на оваа тема, особено доколку покажува лутина, одбранбен став, можеби се манифестира со изливи на агресија и како што наведувате, закани.

Препорачувам да се обидете со вашиот брат да воспоставите смирена комуникација кога тој не е во алкохолизирана состојба – отворено да ги изразите вашите грижи. Обидете се да ја разберете и причината поради која конзумира алкохол – велите дека ова се случува во последно време. Зависностите може да се појават поради справување со некаква емотивна повреда, стрес, чувство на неприпадност, празнина, отфрленост, осаменост и слично. Притоа, обидете се да не заземете осудувачки став и обвинување, зашто тоа најверојатно само ќе го засили одбранбениот став и отпорноста кон промена.  Истовремено, сметам дека е важно да знаете дека со сила не може да натерате никој да престане со самодеструктивни навики, особено доколку станува збор за полнолетно лице кое е одговорно за себе – тоа мора да биде негова внатрешна одлука. Тоа што можете вие да го направите е да понудите сочувство и разбирање за тешкотиите со кои се соочува вашиот брат, помош и поддршка во понатамошно одвикнување, но и поставување на лични граници што за вас е прифатливо однесување.

Исто така, препорачувам да се консултирате со стручно лице од областа на справување и третман со зависности, особено доколку сметате дека е потребна посериозна интервенција.

Доколку сте жртва на насилство, може да се јавите на нашата бесплатна СОС линија 141-700 достапна 24 часа, или доколку се соочувате со семејно насилство со злоупотреба на алкохол и други супстанци, може да се обратите до локалниот Центар за социјална работа.


Одговара: Ана Тодоровска, психолог / практичар на експресивна арт терапија во рамки на Советувалиштето при Национален совет за родова рамноправност.


Дигиталното советувалиште е поддржано од Комерцијална Банка АД Скопје, во рамки на проектот „Дигитализација и дигитална видливост на услугите на Советувалиштето при НСРР и СОС линијата за жени – жртви на семејно насилство“.