Насилството не е секогаш видливо. Психичкото насилство е продорна и често суптилна форма на злоупотреба која може да има длабоки и трајни ефекти врз менталното здравје на жртвата. Тоа често претходи или се јавува комбинирано со друг облик на насилство – физичко, сексуално, економско и сл. Токму поради неговата суптилна појава, на жртвите на насилство им се потребни просечно 5 години за да го препознаат овој феномен, резултирајќи со сериозни последици врз нивната самодоверба, чувство на страв, психосоматски нарушувања и изолација од своите системи за поддршка (губење пријателства, контакт со семејството, блиски лица и сл.).

Во 2023 година, според извештајот на Министерството за внатрешни работи, биле пријавени 4784 случаи на психичко малтретирање во вид на поплака, додека, во изминатите шест години, во евидентираните случаи на семејно насилство, 96% од жртвите биле жени.


  • Што е психичко насилство?

Психичкото насилство, познато и како емоционална злоупотреба, го подразбира секое намерно однесување или обрасци на однесување насочени кон нарушување и повреда на психичкиот интегритет на друго лице, а истото предизвикува чувство на страв и загрозеност кај жртвата. Може да се појави во различни контексти – партнерски односи и интимни релации, во семејството, пријателствата, на работното место и други социјални средини.


  • Во какви облици се јавува психичкото насилство?

Вербална злоупотреба: употреба на навреди, погрдни имиња, закани, условувања со цел понижување и нанесување емотивна повреда, што резултира со намалување на самодовербата кај жртвата, правејќи ја подложна на манипулација.

Излудување: познато како гаслајтинг, е тактика на манипулација со континуирано поткопување на перцепцијата на реалноста, здравиот разум и помнењето на жртвата, преку негирање на настани или однесувања, извртување на факти и банализирање на чувствата на жртвата. Резултатот е сомнеж во себе и сопственото помнење, конфузија, чувство на немоќ.

– Заплашување: употреба на закани, покажување агресија преку физички гестови, со цел да се создаде чувство на страв кај жртвата или да се принуди да направи нешто против своја волја, резултирајќи со чувство на немоќ, анксиозност, несоница, психосоматски нарушувања.

– Присилна контрола: долгорочна комбинација на тактики кои вклучуваат постепена изолација на жртвата од семејството и пријателите, надзор над активностите во текот на денот, надзор врз средствата за комуникација, лишување од пристап до услуги за поддршка, постојано понижување, закани, заплашување, контрола над финансии и сл. Целта е нанесување повреда, казна, воспоставување и одржување доминација над жртвата, резултирајќи со губење на автономијата и чувството на контрола над својот живот, како и постојан страв.

Изолација: постепено ограничување на контактите со пријателите, познаниците, семејството и мрежите за поддршка на жртвата, со цел воспоставување доминација, контрола и зависност на жртвата. 

Понижување: образец на однесување при кој сторителот постојано бара начин да ја деградира жртвата или да го поткопа нејзиното чувство на вредност и достоинство, преку критики, навреди, јавно понижување и исмевање. Целта е да се воспостави контрола над жртвата и да се зајакне нејзината зависност од сторителот.

Третман со тишина и отфрлање: намерно игнорирање и молчење, со цел казнување на жртвата, предизвикување чувство на безвредност; игнорирање на обидите на жртвата за комуникација и отворен дијалог, одбивање на нејзините потреби, желби, чувства или искуства.

Демнење: образец на однесување при кој сторителот не мора да остварува физички контакт со жртвата, но постојано се наметнува и врши надзор над неа, вклучувајќи следење, остварување непосакуван контакт преку повици, пораки, меилови, појава на места каде што се движи жртвата. Тоа предизвикува чувство на небезбедност, загрозеност, анксиозност. Демнењето е кривично дело.


Последиците не се веднаш забележливи, меѓутоа може да ги препознаете доколку станете свесни за промена во однесувањето која претходно не била вообичаена, како зголемена анксиозност, повлекување од социјалните кругови, одбегнување познаници и контакти, чести изговори за неучествување на социјални настани, зголемена недоверба во својата околина.

Пропратно, може да се јави честа вознемиреност и загриженост, долготрајно чувство на страв, вина, сомнеж во себе, чувство на безвредност, прекумерно размислување, отсутност, конфузија, нагласена неодлучност, неможност за носење одлука, чувство на осаменост и верување дека никој не може да разбере, губење интерес за активности кои носеле задоволство.

Долготрајното насилство може да предизвика ноќни мори, анксиозност, појава на депресија, преплавувачко чувство на безнадежност и тага, анксиозни состојби, злоупотреба на алкохол и други супстанци како начин за справување со болката.

Како психосоматски последици може да се јават чести главоболки, проблеми со варење на храната, гастроинтестинални проблеми, гадење, повраќање, слаб имунитет, хронична болка во телото без органски причинител.

На бесплатната СОС линија 141 700 можете да се информирате, консултирате, пријавите, но и едноставно да разговарате доколку се соочувате со било каков облик на насилство. Линијата е достапна 24/7, на македонски, албански, ромски и турски јазик. Побарајте стручна поддршка, бидејќи не мора да се справувате сами. Доколку имате потреба од психо-социјална поддршка, нашето советувалиште нуди бесплатно советување со психолог, социјален работник и правен советник. Доколку сте подготвени да постапите институционално, може да поднесете поплака во најблиската полициска станица или да побарате поддршка во локалниот Центар за социјална работа.


Пишува: Aна Тодоровска, психолог / практичар на експресивна арт терапија, во рамки на Советувалиштето при Национален совет за родова рамноправност.


Дигиталното советувалиште е поддржано од Комерцијална Банка АД Скопје, во рамки на проектот „Дигитализација и дигитална видливост на услугите на Советувалиштето при НСРР и СОС линијата за жени – жртви на семејно насилство“.