Вашата шифра: Круг
Имам потреба од: Психолог и социјален работник
Порака: 12 години брак, дете од 10 години

Ниту еднаш нема дојдено никој од неговите пријатели дома, ниту од колеги, телефонот го исклучува кога доаѓа или го става во друга соба, не можам да рачунам на никакви финансии од негова страна, јас плаќам сметки, купувам храна, купувам за дете, плаќам курсеви, ремонти на кола, барам мајстори, организирам одмори… Неговата плата никогаш не е на ист датум, стално има за враќање некому, стално касни, кога треба да земе плата и не се враќа дома, не знам каде спие, кажува во кола дека преноќува...

Не сум добила ниту едно изненадување за роденден, за нова година со син ми и сами сме седеле дома, за годишници исто, за роденден на детето исто…Мислев дека имам сила да не се “предадам” дека е пораз ако кажам “не можам повеќе”..Се затворив дома, во еден цикличен круг, пријатели од кој се плашам веќе и да споделувам да не се ситат и прераскажуваат за ова мое “живо блато”…

Детето само посматра и ќути кога нема да се врати дома, по неколку дена ќе го побара, ќе си дојде ќе се живее од тоа што останало од мојата плата, и кога ќе дојде време да донесе плата дома пак истата приказна…Не сакам ова да му биде пример за нормално на моето дете, ова не е нормално..

Можеби се плашам да останам сама иако реално за сите обврски сум сама, одговорноста е скоро само моја, може единствено да го земе и однесе кога детето е на некој курс, и тоа потоа звучи како огромен притисок зошто не знаел дал ќе стигне навреме од работа…

Немам желба за никаква интимност со него или со било кој друг, со години, немам ни доверба повеќе, мислам дека секој сака само да ме искористи, се затворив, и не ми е добро, а сакам дете да изведам на прав пат…


Почитувана,

Од вашиот допис можам да разберам дека се чувствувате како да сте заглавени во еден круг на економска злоупотреба, изолација, осаменост и растечка недоверба, како и дека чувствувате негрижа од страна на партнерот кон вас и вашето дете. Истовремено, известувате за постоење на повеќе стравови – страв од озборување и можеби осуда од вашата непосредна околина и страв од бидување сама, иако соопштувате дека долго време веќе самостојно се соочувате и се носите со животните предизвици. На крај, разбирам дека постои загриженост во однос на понатамошниот развој на вашето дете во овие околности, како и желба за подобрување на вашата состојба.

Немам увид во динамиката и природата на комуникацијата со вашиот партнер, меѓутоа би ве поддржала да ги искомуницирате своите потреби во отворен дијалог и начинот како влијае неговото отсуство врз вас и вашето семејство. Велите дека долго време издржувате и живеете во контекст кој за вас претставува голема непријатност – меѓутоа, што е тоа што навистина добивате, а што жртвувате со ова издржување? До каде и колку е неопходна вашата жртва? Не сте сама во вашата приказна, многу жени се соочуваат со слични околности. Со вас споделувам подолу еден круг на тактики и појави кои вообичаено се јавуваат во атмосфера на семејно насилство кое не мора секогаш да биде физичко, можете да проверите дали ќе идентификувате нешто од ова во својот живот. Би ви препорачала поддршка од стручно лице како би ги зајакнале вашите лични граници, би ги истражиле своите моментални потреби и би ја обновиле својата сила и мрежите за поддршка кои се од суштинско значење за да се чувствувате безбедно.

Доколку се одлучите на таков чекор, во рамки на нашата организација нудиме бесплатно советување и психо-социјална поддршка. Доколку сте од Скопје, може да не посетите и да закажете термин преку 02/3134-390 или преку бесплатната СОС линија 141 700 достапна 24/7, а доколку доаѓате од друго место, нудиме опција и за онлајн советување. Нашиот тим ви стои на располагање.


Одговара: Ана Тодоровска, психолог / практичар на експресивна арт терапија во рамки на Советувалиштето при Национален совет за родова рамноправност.


Почитувана,

Би препорачала да поразговараме, а потоа да ги утврдиме идните насоки во согласност со вашите потреби и желби. Можете да се обратите директно во Центарот за социјална работа, но доколку не сте подготвена на таков чекор, може да закажеме средба во нашето советувалиште. Доколку не сакате да разговарате со пријатели и блиски за овој проблем, ви стоиме на располагање, гарантираме дискреција и анонимност на вашиот идентитет.


Одговара: Елена Грозданова, социјален работник во рамки на Советувалиштето при Национален совет за родова рамноправност.


Дигиталното советувалиште е поддржано од Комерцијална Банка АД Скопје, во рамки на проектот „Дигитализација и дигитална видливост на услугите на Советувалиштето при НСРР и СОС линијата за жени – жртви на семејно насилство“.