Вашата шифра: Две години трпам eмоционално и вербално насилство
Имам потреба од: Психолог
Порака: Веќе две години сум со него и нонстоп трпам емоционално насилство, исто така трпев и физичко насилство каде што бев со модрици додека бев трудна во 2022. Се запознавме 2022 година, април месец, се беше во ред, го одбивав, не сакав да бидам со него бидејќи бев разведена и имам дете од првиот брак и не ми беше сеедно да бидам во врска со човек кој не го знам доволно. Но, ете ме запроси на 26 години во јуни месец, а набргу во јули останав трудна со втората ќерка што ја имам сега.

Почнавме во една фабрика да работиме и двајцата, август месец, во друг град. Стана насилен, ме буташе на кревет од кога дозна дека сум трудна, ме вреѓаше, ми викаше „ќе си одам“, си ги збираше алиштата, ме гурна на сред работа, тоа колешка го виде, ме удри за стомак, и се тоа зошто сум правела муабет со колешка на работа. Се вративме по еден месец во нашиот град, не преместија да работиме во друг град, и таму се понашаше лошо, ме влечеше за коса во 4 месец трудна по улица, се извинуваше и велеше нема повеќе, ама за жал беше преку два дена се додека за 8ми март 2023 во 9 месец, неколку дена пред пораѓај не ме задави и ми остави траг на вратот.  Си отидов кај моите, ама морав да се вратам, ми се закануваше ќе се убиел, исто така ме тепаше и пред полициска станица, за среќа полицијата го виде, ми рекоа дека можам да го пријавам, но се плашев дека ке ми направи нешто и да, направи на 8ми март 2023.

Како се породив сега почна со емоционални и вербални напади, не ми дава да работам, сум била мајка, не дава да го запишам детето во градинка, големата ќерка ќе тргне на школо, мора да се вратам во мојот роден град, и ми рече да сум чувала животни, тоа бил условот или пак да се разведеме. Скоро лупаше викаше пред детето, кога идам кај големата ќерка љубоморен е да не направам со некој муабет, намерно ме остави сега трудна пак, не знам што да правам веќе, манипулатор е, дури ќе те натера да ти биде жал за него.


Почитувана,

Како секоја жена, така и вие имате право да живеете спокоен живот без насилство, особено во еден чувствителна состојба како што е бременоста. Исто така, имате апсолутно право на слободно движење, без разлика дали сте родител. Од вашиот допис, можам да препознаам дека се соочувате со повеќе видови на насилство од страна на партнерот, вклучувајќи обиди за ограничување на вашето слободно движење и контакти со лица кои вие сте ги одбрале. Всушност, во овие неколку однесувања – изливи на љубомора, поставување услови, заканување, уцени, забрана за работа и слично, може да се препознае обид партнерот да ве изолира од околината и да постави контрола над вас, како и целосна зависност.

Во повеќето ситуации на семејно насилство се случува повторување на неколку однесувања во круг, што влијае на тоа жртвата да не може да излезе толку лесно, бидејќи секој нареден пат при повторување на насилството, таа има се помала самодоверба, чувство на вина и страв. Обично овој круг се одвива така што полека ќе се гради атмосфера на тензија (сторителот на насилство е раздразлив, нетрпелив, постојано критикува и обвинува, а жртвата се повлекува со цел дополнително да не го вознемири – она чувство како да газите по јајца), потоа се случува експлозија на таа тензија која резултира со удари, давење, закани, кршење по домот и слично, при што жртвата може да возврати или да пријави во полиција, да избега, да се заштити и слично. Потоа, вообичаено е сторителот да се извинува и да ветува дека нема да се повтори веќе настанот, добро да се однесува, да купува подароци и да ја убедува жртвата да ја повлече пријавата, се со цел повторно да воспостави контрола врз неа и кругот да почне одново со градење атмосфера на тензија. 

Препорачувам веднаш да го пријавите насилството во локалниот Центар за социјална работа, особено доколку сте се соочиле изминатите денови со било каков настан. Доколку имате повреди, задолжително упатете се во болница, прегледот за жртви на семејно насилство е бесплатен и задолжително земете медицинска потврда за претрпените повреди од насилството. Го разбирам постоењето на страв од сторителот доколку го пријавите, меѓутоа во соработка со Центарот за социјална работа можете да бидете сместена во шелтер на тајна локација и да бидат преземени мерки за ваша заштита од сторителот, како забрана за приближување и сл.

На располагање стои нашата СОС линија 141 700, која е бесплатна и достапна 24 часа и може да се јавите во секое време доколку не знаете како да постапите или ви е потребна поддршка и разговор.


Одговара: Ана Тодоровска, психолог / практичар на експресивна арт терапија во рамки на Советувалиштето при Национален совет за родова рамноправност.


Дигиталното советувалиште е поддржано од Комерцијална Банка АД Скопје, во рамки на проектот „Дигитализација и дигитална видливост на услугите на Советувалиштето при НСРР и СОС линијата за жени – жртви на семејно насилство“.