Вашата шифра: neli985
Имам потреба од: Психолог, Правник и Социјален работник
Порака: После тежок развод пред една година кој првично започна со пријава за семејно насилство (закани за убиство) а заврши како спогодбено, и уценување за промена на дадена изјава во обвинителство (случајот се уште не е решен), се уште ми се врши притисок, навреди, контрола на движење, ширење дезинформации за мене од страна на поранешниот сопруг, користење на познанства кои ги има со цел да ме деградира и оспорува во моето секојдневие. Старателството за детето ми е доделено мене, средби со детето ретко има и кога ги има детето се враќа видно револтирано и нервозно бидејќи детето ја знае вистината и свесно е за се што се случувало и се случува после секоја средба се враќа со солзи и револтирано бидејќи е сведок на разговори кои му биле упатени за мое омаловажување.


Почитувана neli985,


Од вашиот допис разбирам дека се соочувате со серија стресни настани кои траат подолго време. Претпоставувам дека вашето прашање е насочено кон тоа што би можеле да преземете во еден ваков контекст. Сметам дека најнапред е нужно вашата безбедност и безбедноста на вашето дете да биде на прво место – доколку се чувствувате загрозено пријавете го случајот во полиција, а доколку не сте сигурни како да постапите при одреден настан, во секое време може да побарате поддршка на бесплатната СОС линија 141 700, достапна 24 часа. За секој обид за притисок, навреди или закани чувајте докази (доколку е тоа во форма на електронски допис или сведок во дадена ситуација). Би ве поддржала да се доверите на блиски лица во кои имате доверба и чувствувате извор на поддршка. Немам информација за возраста на вашето дете, но препорачувам отворено да разговарате во однос на чувствата кои ги доживува при посетите, за тоа што се случува таму и во однос на неговите потреби и по потреба да вклучите стручна психолошка поддршка (детски психолог или стручната служба во училиштето). Исто така, би препорачала да се обратите за ваша психолошка поддршка со цел справување со стресните настани и зајакнување на вашата отпорност – може да закажете средба во нашето бесплатно советувалиште на 02/3134-390 или да се консултирате со психотерапевт.


Одговара: Ана Тодоровска, психолог / практичар на експресивна арт терапија во рамки на Советувалиштето при Национален совет за родова рамноправност.

Почитувана neli985,

Според споделените информации, Ве советувам да побарате привремена мерка за заштита (закана и приближување), од Центарот за социјална работа каде и се води вашиот случај, со што Центарот поднесува предлог барање за изрекување привремени мерки за заштита до надлежниот суд во согласност со законот. Доколку имате  доказен матријал (пр. пораки, повици, сведоци..) дека поранешниот сопруг Ве вознемирува, Ви се закнува и Ве следи, треба да ги приложите на службеното лице во Центарот или инспекторот за семејно насилство од полиција, кои го водат вашиот случај што вооедно и претсавува причина за барање на привремена мерка за заштита.


Одговара: Ружица Пинзовска, правна советничка во рамки на Советувалиштето при Национален совет за родова рамноправност.


Почитувана neli985,

Немаме информација за возраста на детето, но во секој случај, препорачувам да се обратите до Центарот за социјална работа и од стручниот тим да побарате промена на решението за видување на детето од страна на таткото. Доколку детето има над 10 години, може самостојно да одлучи дали сака средби. Во спротивно, доколку има помалку од 10 години, потребно е да се сретне со стручниот тим во Центарот за социјална работа составен од психолог и педагог, по што стручниот тим ќе изготви мислење во однос на поготвеноста на детето за средбите со таткото.

Сепак, би сакала да ве информирам дека таткото има право на контакт со детето се до моментот кога стручниот тим ќе утврди и ќе даде мислење дека средбите не се во најдобар интерес на детето поради причините кои ги изјавувате.


Одговара: Елена Грозданова, социјална работничка во рамки на Советувалиштето при Национален совет за родова рамноправност.


Дигиталното советувалиште е поддржано од Комерцијална Банка АД Скопје, во рамки на проектот „Дигитализација и дигитална видливост на услугите на Советувалиштето при НСРР и СОС линијата за жени – жртви на семејно насилство“.