Психолозите на денешницата често ќе кажат дека “Секој може да биде жртва, но не секој може да биде насилник”.

Токму затоа, законот го дефинира насилството и ги инкриминира сите категории познати облици на насилство. Психичкото насилство во литературата е познато и како емоционално насилство. Инкриминациите на психичкото насилство во рамките на семејното насилство се опфатени во главата на кривични дела против слободите и правата на човекот.

Како кривични дела кои се сметаат за психичко насилство во рамките на семејното насилство според Кривичниот законик на Република Северна Македонија се следните: кривичното дело присилба од член 139 ст. 2 од КЗ, кривичното дело противправно лишување од слобода од член 140 ст. 2 од КЗ и кривичното дело загрозување на сигурноста од член 144 ст. 2 од КЗ.

Овие три кривични дела ја сочинуваат суштината на психичкото семејно насилство кое се сторува во рамките на семејното насилство воопшто. Но, дали денешното време наметнува и други форми на психичко насилство? Анализите на психичкото насилство и неговите феноменолошки карактеристики упатуваат на посебен облик на психичко насилство “присилна контрола”.

Така, во оваа смисла, контролата која се спроведува врз жртвата на психичко семејно насилство може да биде од најразлична природа (контролирање на слободата на движење на жртвата, контролирање на лицата со кои жртвата стапува или би стапувала во иднина во контакт и со кои би комуницирала, ограниченост за раполагање на нејзиниот финасиски буџет и предизвикување на потполна економска зависност од сторителот на семејното насилство).

Овој облик на насилство најчесто започнува со изолацијата на жртвата на психичкото семејно насилство и исто така може да се одвива во неколку насоки, пред се, се врши изолирање на жртвата од нејзините членови на семејството, изолирање во поглед на пријателите и познаниците на жртвата, постојано негодување за лицата за кои жртвата изразува интерес и желба да се дружи и нивно постојано омаловажување, оневозможување на извршување на работни активности надвор од домот и сл.

Класичен пример за ова би било кога жртвата како резултат на насилничките дејствија на насилникот кои се од психичка природа мора да се врати веднаш дома по завршените обврски (работа – дома), да има оправдување на секое напуштање на домот, оправдување за секоја средба со други лица. Жртвата како резултат на овие дејствија е принудена да докажува кои се нејзините пријатели, роднини, бидејќи насилникот во сите од нив гледа потенцијална закана.

Во поглед на тоа како правото го третира овој концепт на насилство – “присилна контрола” сепак постои правна теорија која на некој начин подлабоко ги објаснува причините за овој тип на насилство и концептот на поимите контрола, насилник и жртва.

Правото ја третира оваа форма на насилство под поимот “контрола на жртвата”  како индивидуална појава, која е резултат на делувањето на одредени психолошки и психопатолошки особини на сторителот и на жртвата. Како такви особини ce истакнуваат слабата контрола, неразвиеното его и фрустрациите во детството кај насилникот и мазохизмот кај жената.

Во поновите теории ce истакнуваат теоријата на научена беспомошност и теоријата на преживувања.

Теоријата на научена беспомошност го дава објаснувањето: зошто (најчесто) жените стануваат жртви на насилство и како процесот на виктимизација ги спречува да излезат од насилничкиот однос. Објаснувањето е во изостанувањето на ефекти од нивното реагирање на насилството, која предизвикува состојба на депресија и страв, односно состојба на немоќност, кое резултира со убедувањето дека жената не може да има контрола врз сопствениот живот. Оваа состојба е потенцирана и со фактот на социјализацијата на жената според модели на патријархално уредување на односите во бракот и семејството, чиј резултат е и верувањето на жените дека немаат контрола врз сопствениот живот.

Теоријата на преживување ce јавува како резултат на критиката на теоријата на научена беспомошност. Суштината на оваа теорија е дека жртвите активно одговараат на насилството, бараат помош, односно ja изразуваат потребата од општествена поддршка и помош. Изостанувањето на општествената помош и поддршка ja прави жртвата пасивна во однос на прекинувањето на насилната врска. Притоа, не ce работи за пасивен однос на жртвата на насилството, туку за отсуство на помош и поддршка. Тоа е и основната разлика со теоријата на научената беспомошност.

Теорија на општествен стрес не упатува на тоа дека концептот “присилна контрола” произлегува од стресот кој може да порасне кога една личност живее во семејна ситуација со зголемени притисоци и секојдевни лоши доживувања. Некои шпекулираат дека сиромаштијата може да ja отежни способноста на мажот да ja исполни својата идеја за „успешна машкост“, бидејќи ce плаши дека ќе ja изгуби честа и почитта. Теоријата претпоставува дека кога тој економски не е во состојба да ja поддржи неговата жена и да држи контрола, тој може да ce сврти кон женомразие, злоупотреба на наркотици и злочин како начини да ce искаже машкоста.

Во некои врски ваквиот облик на насилство произлегува од забележливата потреба за моќ и контрола, начин на малтретирање и општествено учење за малтретирањето. Ставот на причинителот за семејно насилство е тоа дека стратегија е да ce добие или да ce задржи моќта и контролата врз жртвата. Друг став е дека малтретирањето произлегува од немоќта, нејзиното изразување/ проектирање и обидот за вршење контрола врз жртвата.

Прашањата за моќ и контрола ce составен дел од широко употребуваниот Дулут проект за интервенција во семејното насилство. Феминистичката теорија на која ce потпира моделот Дулут е дека мажите го користат насилството во рамките на врските за да остварат моќ и контрола. Според моделот Дулут, „жените и децата ce подложни на насилство поради нивниот нееднаков социјален, економски и политачки статус во општеството“. Третманот на насилнички мажи е фокусиран на преквалификација, бидејќи „не гледаме машко насилство врз жените како резултат на индивидуална патологија, туку од социјално зајакнато чувство на право.“

Нашата национална правна рамка нуди правна заштита на жртвите во кривична и во граѓанска постапка. Кривичното гонење на сторителите на семејно насилство ce спроведува во согласност со Кривичниот законик и Законот за кривична постапка. Правната рамка за заштита на жртвите во граѓанска постапка ни ja дава Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, кој беше донесен во 2014 година, a почна да ce применува на 01.01.2015 година. Овој закон го уредува целосното постапување на институциите, но и здруженијата на граѓани, во превенирање и спречување на семејното насилство и обезбедување заштита на жртвите.

Но, особено важни закони што ce тесно поврзани со системот на заштита на жртвите на семејно насилство ce Законот за социјална заштита и Законот за бесплатна правна помош. Преку Законот за социјална заштита ce утврдуваат правата на финансиска поддршка на жртвите на семејно насилство и згрижувањето на жртвите во засолништа. Додека, согласно Законот за бесплатна правна помош за жртвите на семејно насилство, барањето за бесплатна правна помош може да биде одобрено во сите судски и управни постапки, доколку со него ce решава прашање од интерес за жртвата на семејно насилство, и тоа за права од областа на социјалното, здравственото, пензиското или инвалидското осигурување, работните односи, заштитата на деца, заштитата од казниви дела и имотно-правните прашања.

Но, се поставува прашањето колку националното право има сенс конкретно и директно за психичкото насилство и концептот “присилна контрола”?

Можеме да заклучиме дека нашата национална правна рамка е потребно да се прошири во сегментот токму на психичкото насилство и поимот “присилна контрола”. Причина за тоа е, што за разлика од физичкото насилство каде што може да се забележат конкретни траги на повредување и насилство, кај психичкото насилство трагите од истото не се видливи, па затоа битно е да се знаат начините врз основа на кои тоа може да се препознае. Ваквиот вид на семејно насилство е карактеристично тоа што се врши постојано проверување на мобилниот телефон на жртвата, проверување на разговорите на жртвата, кругот на лица со кои се дружи, со еден збор целокупното живеење.

Најважно за откривањето на овој вид на насилство е тоа жртвата или некое друго лице навреме да ги увиди знаците на психичкото насилство. Жртвата мора да верува на своите чувства. Па така, доколку во рамките на семејството е присутна таква атмосфера на постојано загушување на односите, постојано ограничување, а притоа вие се чувствувате контролирано, измамено, изманипулирано, немоќно, а притоа истите вакви чувства постојано се повторуваат, тогаш сигурно сте станале жртва на психичко или емоционално насилство. Ваквиот тип на односи е неспоив со начинот на функционирање на семејствата, и истиот е болен, деструктивен, нездрав, застрашувачки и напнат.

Општеството станува порационализирано, политичките системи ce претвораат во демократии, притоа започнува процесот на индивидуализација. Додека во „модерните” општества, на луѓето повеќе не може да им ce диктира како да ce однесуваат и што да мислат, луѓето ce и сакаат да бидат слободни и независни и да донесуваат одлуки направени врз основа на лични и индивидуални избори.  

Затоа, секоја од државите во светот води своја сопствена борба на ова поле конкретно во правната сфера, бидејки во сите земји, ce случија многу фундаментални промени во врска со семејството во последните децении. Затоа, објективно гледано правецот во кој треба да се насочи нашето национално право, и тоа час поскоро, е да се ратификуваат меѓународни договори и да се присвојат позитивните правни решенија на другите земји кои ја подржуваат оваа правна проблематика, а со тоа да се направи напори да се надмине моменталната ситуација посебно во поглед на облиците на психичкото насилство и превенција и заштита на жртвите, за Законот да може ефективно да го препознае психичкото насилство “присилна контрола” во нашето општество.


Пишува: Ружица Пинзовска, правна советничка во Советувалиште при Национален совет за родова рамноправност


Дигиталното советувалиште е поддржано од Комерцијална Банка АД Скопје, во рамки на проектот „Дигитализација и дигитална видливост на услугите на Советувалиштето при НСРР и СОС линијата за жени – жртви на семејно насилство“.