Ненасилството е врховен Закон на живот”- Индиска поговорка

Насилството во било кој облик неизбежно резултира во повреда на човековите права. Тоа не смее да биде приватна работа и мора да има соодветен правен одговор.

Како најчест облик на насилство кое се практикува се издвојува психичкото насилство. Анализите прикажуваат дека психичкото насилство непропорционално влијае повеќе врз жени отколку на мажи, што значи дека во најголем број случаи жртвите се жени, а сторителите се мажи.

Нашата држава како и најголемиот број други држави се обидуваат со низа закони и меѓународни документи да се справат со насилството како глобален проблем. Националното законодавство развива солидна законска рамка за заштита од психичко насилство и со оглед на сериозноста на ова насилство посебно внимание се посветува на заштита на жените и санкционирање на сторителите.

За жал, праксата покажува дека психичкото насилство секогаш му претходи на физичкото насилство. Затоа, и Кривичниот законик јасно го дефинира ова дело и неговата криминализација треба да ги даде резултатите во намалување на трендот на насилството. Инкриминациите на психичкото насилство во рамките на семејното насилство во Кривичниот законик се опфатени во главата на кривични дела против слободите и правата на човекот. Како кривични дела кои се сметаат за психичко насилство во рамките на семејното насилство се кривичните дела: присилба, кривичното дело противправно лишување од слобода и кривично дело загрозување на сигурноста. Според одредбите од Кривичниот законик, културата, обичаите, традицијата или честа не обезбедуваат цврста основа за оправдување на насилството. Во Законот за превенција, спречување и заштита од семејното насилство се дефинира дека психолошкото насилство е секое дејствие кое предизвикува загрозеност, вознемиреност, чувство на страв, повреда на достоинството и интегритетот на жртвата.

Последиците од психичко насилство најчесто се долготрајни и доведуваат до емоционални нарушувања на психичкото здравје на жртвата и нејзино постојано страдање. Долготрајната изложеност на психичко насилство може да создаде агресивност, напнатост, зависност, ниска самопочит, депресија и сл.

Како низ призмата на правото да се обезбеди заштита од психичко насилство?

Преземањето на чекори во насока постигнување резултати во борба против психичкото насилство доведе до донесување на легислатива која во одредена мера дава одговор на борбата против психичкото насилство врз жени како специфичен облик на насилството.

Правната заштита од психичкото насилство треба да биде интегрирана и координирана со другите делови на правниот и социјалниот систем што е комплексен и многуфазен процес. Ова вклучува соработка помеѓу центри за социјална работа, полицијата, обвинителство, судството, здравствените установи и невладините организации за да се обезбеди целокупна и ефикасна заштита и поддршка на жртвите.

Првиот чекор е препознавање на психичкото насилство по што следува пријава на насилството во соодветните институции како центарот за социјална работа, полициска станица или некој центар за поддршка на жртви од насилство. Се документира случајот и се прибавуваат податоци како доказен материјал за извршеното насилство. Се врши проценка на ризик и во зависност од конкретниот случај се преземаат привремени мерки за заштита на жртвата. Доколку обезбедениот доказен матријал е доволен за поведување судска постапка се поднесува Тужба пред надлежниот Кривичен суд.

За крај, клучно е да се осигура дека жртвите на психичко насилство треба да добиваат соодветна заштита, правда и поддршка низ текот на целиот процес, за да можат да излезат од насилната средина и да го продолжат животот.


Пишува: Ружица Пинзовска, правна советничка во Советувалиште при Национален совет за родова рамноправност.


Дигиталното советувалиште е поддржано од Комерцијална Банка АД Скопје, во рамки на проектот „Дигитализација и дигитална видливост на услугите на Советувалиштето при НСРР и СОС линијата за жени – жртви на семејно насилство“.