Според Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство (Сл.Весник на  РСМ, бр. 24 од 29.1.2021, глава Поимник, чл.3),   „Насилство врз жените“ е кршење на човековите права, дискриминација врз жените и ги означува сите дејствија на родово-базирано насилство што доведуваат или веројатно ќе доведат до физичка, сексуална, психичка или економска повреда или страдање на жените, вклучувајќи и директни и индиректни закани и заплашување за такви дејствија, изнуда, произволно ограничување и/или лишување од слобода, без оглед дали се случуваат во јавниот или приватниот живот. Важно е да се напомене дека во овој закон, за прв пат,  во параграф 15 е дефинирано и психичкото насилство како:

Психичко насилство“ е секое однесување со употреба на присилба, заплашување или закана, кое предизвикува чувство на страв, загрозеност, вознемиреност или повреда на достоинството и психичкиот интегритет на жртвата.

Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулска конвенција), во член 33 го дефинира психичкото насилство како „секој намерен вид на однесување што сериозно го нарушува психолошкиот интегритет на друго лице преку принуда или закана”. Потребно е да се напомене и дека сите форми на насилство имаат психолошки аспект, бидејќи главната цел да се биде насилен или навредлив е да се повреди интегритетот и достоинството на друго лице.


Психичко насилство во приватната и јавната сфера

Постојат одредени форми на насилство кои се одвиваат со користење на методи кои не можат да се стават во други категории, па затоа може да се каже дека претставуваат психичко насилство во „чиста“ форма. Ова вклучува изолација или затворање, задржување информации, дезинформации и заканувачко однесување.

Во приватната сфера, психичкото насилство вклучува заканувачко однесување на кое му недостасува физичко насилство или вербални елементи, на пример, дејствија што се однесуваат на поранешни акти на насилство или намерно незнаење и запоставување на друго лице. Еден вообичаен пример за такво насилство во јавната сфера вклучува изолација на млади жени или мажи кои не постапуваат според традиционалните родови улоги.

Изолацијата во јавната сфера најчесто ја користат врсничките групи, но одговорните возрасни лица – како што се наставниците и спортските тренери – исто така можат да бидат сторители. Најчесто, изолацијата значи исклучување од одредени групни активности. Може да вклучи и заплашување, на сличен начин како и психичкото злоставување во приватната сфера.

Европскиот институт за родова еднаквост (EIGE)  препорачува конкретно, експлицитно и сеопфатно да се третира психолошкото насилство како самостоен феномен. Исто така, се залага да се вклучи дигитална димензија во рамката за превенција и одговор насочена кон жртвите на онлајн злоупотреба – како и да се осигура дека практиките допираат до најзагрозените групи и оние кои имаат дополнителни потреби.

Според EIGE, помладите жени (под 30 години), жените со попреченост или здравствена состојба, нехетеросексуалните жени и жените со мигрантско потекло доживуваат психичко насилство со повисока стапка од општата популација. Импликациите од психолошкото насилство и присилната контрола врз жените – жртви се длабоки, а ризикот од самоубиство, депресија и посттрауматско стресно нарушување (ПТСН) е особено висок. Дополнително, негативното влијание врз децата на жртвите може да биде високо и да доведе до зголемен ризик од виктимизација и извршување насилство подоцна во зрелоста.

Сега, во ерата на дигитална доминација, неколку земји-членки го земаат предвид психолошкото влијание на сајбер насилството. Во Италија, употребата на електронска комуникација е отежнувачка околност за следење, а во Франција е отежителна околност при сексуално вознемирување. Во Австрија, сајбер следењето е конкретно споменато како форма на следење во кривичниот законик.

Последниот извештај на Европскиот институт за родова еднаквост во Вилнус Литванија (EIGE) во делот за  присилна контрола и психичко насилство низ земјите-членки на ЕУ докажува висока преваленца. Податоците од Агенцијата за фундаментални права на ЕУ (FRA) покажаа дека ширум ЕУ, 44% од жените доживеале психичко насилство од партнер во текот на нивниот живот.


Пријава на психичко насилство во Центрите за социјална работа

Службените лица во институциите кои вршат дејност од областа на социјалната заштита, внатрешните работи, здравството, детската заштита и образованието, како и надлежните судови и обвинителства во постапките за родово- базирано насилство врз жените и семејното насилство се должни да постапуваат итно, со должно внимание на интересите и потребите на жртвата. Секое физичко лице кое има сознание за постоење на родово-базирано насилство врз жени и семејно насилство е должен да пријави до полициска станица, центар за социјална работа, јавно обвинителство, здружение или С.О.С. линија. 

Надлежните институции  се должни да постапат и по анонимна пријава. Одговорното лице и раководното лице од институцијата кои вршат дејност од областа на социјалната и детската заштита, вработувањето, внатрешните работи, здравството и образованието, се должни да пријават сознание за постоење на родово базирано насилство врз жените и семејно насилство до полициска станица или центар за социјална работа.

Секој кој има потреба од информирање, поддршка и насоки како да постапи во случај на насилство, може да се јави на бесплатната СОС линија 141 700, која е достапна 24 часа.

Повеќе информации во врска со специјализираните услуги за жртви на семејно насилство во рамките на Министерството за труд и социјална политика може да најдете на следниот линк.


Пишува: Елена Грозданова, социјална работничка, Советувалиште при Национален совет за родова рамноправност.


Дигиталното советувалиште е поддржано од Комерцијална Банка АД Скопје, во рамки на проектот „Дигитализација и дигитална видливост на услугите на Советувалиштето при НСРР и СОС линијата за жени – жртви на семејно насилство“.