Вашата шифра: White
Имам потреба од:
Правник и социјален работник
Порака: Моментално сум во брак 4 години веќе, додека работев ме натера да земам кредити и ги плаќавме. Потоа, морав да дадам отказ на работа поради операција, моментално сум невработена, имам долгови кон банка, живеам под кирија, сакам да се разведам од него, но постојано добивам закани и не сака да ми ги плаќа кредитите што заедно сме ги направиле во брак.


Почитувана White,

Доколку сте одлучна за отпочнување бракоразводна постапка, би ви препорачала да доставите барање до суд за развод. Во вашиот допис спомнувате дека постојано примате закани од вашиот сопруг, за што ви препорачувам веднаш да го пријавите случајот во полиција, а доколку имате и писмени докази (пораки и сл.) да ги приложите. Во врска со заедничките долгови и кредити, бидејќи немам доволно информации за каков тип на кредити станува збор, веројатно постојат докази кои покажуваат дека заедно сте земале одреден тип кредит, па би препорачала директно да се консултирате со банката како да постапите.


Одговара: Елена Грозданова, социјална работничка.


Почитувана White,

Во однос на вашето прашање  не би можела да ви дадам конкретен одговор од причина што немам доволно информација за какви кредити станува збор (на пр. станбен, наменски, потрошувачки…). Во зависност од тоа за какви кредити станува збор, и каков договор сте склучиле со банката, понатаму во судска постапка ќе се одреди обврската за плаќање на истите во случај на развод на брак. Имено, во однос на заканите ви препорачувам да пријавите насилство во соодветна надлежна институција.

Доколку сакате и имате потреба од понатамошно советување, можете да дојдете во просториите на нашето бесплатно советувалиште. Закажете средба на 02/3134-390, нашиот тим ви стои на располагање.


Одговара: Ружица Пинзовска – правна советничка, во рамки на Советувалиштето при Национален совет за родова рамноправност.


Дигиталното советувалиште е поддржано од Комерцијална Банка АД Скопје, во рамки на проектот „Дигитализација и дигитална видливост на услугите на Советувалиштето при НСРР и СОС линијата за жени – жртви на семејно насилство“.