Вашата шифра: Незаштитена6
Имам потреба од: Правник
Порака: Здраво, јас сум жртва на семејно насилство и жртва на трговија со луѓе, дело на мојот поранешен допруг. Бев сместена 3 месеци со моите деца во шелтер центар, после него го притворија, а јас се вработив и се грижам за децата. После сите судења за насилство, развод, трговија со луѓе, заштитена за време на судењата, каде што имав обезбедена аудиовизуелна соба ради претрпеното… После се, судот на него во затвор му доставува документ каде има мои податоци како место на живеење, телефонски број… Јас се јавив во ЦСР и се обратив секаде каде што можев, никој ништо не превзема, тој ме вознемирува, ми се јавува, знае каде сум, иако е во затвор, јас сум во опасност и на никој во оваа држава не му е гајле на прашањето кој ќе одговара доколку ми се случи нешто, добив молчење… Прашањето ми е зошто и со која одговорност, ако уствари ја има некој, дозволија институциите он да ме најде мене? Ви благодарам.


Почитувана Незаштитена6,

Препорачувам веднаш да пријавите последен настан во најблиска полициска станица. Мора да биде лично изјавата од вас и да прикажете доказ дека поранешниот сопруг кој служи затворска казна ве вознемирува (пр. телефонски повици или пораки..). Кога ќе разговарате со службено лице нагласете дека не се чувствувате безбедно.

Полицијата е институција која е надлежна да го испита случајот и да ја испита веродостојноста на вашата изјава. Бидејќи немам увид во случајот не би можела да ја знам причината зошто институцијата споделила информација за вашето место на живеење и контакт. Препорачувам да се обратите со претставка во Агенцијата за заштита на лични податоци и до Основно јавно обвинителство за вознемирување.

Доколку имате потреба од дополнителна поддршка и советување, може да дојдете во просториите на нашето советувалиште или да се јавите во било кое време на бесплатната СОС-линијата ( 141 700 ) која е достапна 24/7.


Одговара: Ружица Пинзовска, правна советничка во рамки на Советувалиштето при Национален совет за родова рамноправност.


Дигиталното советувалиште е поддржано од Комерцијална Банка АД Скопје, во рамки на проектот „Дигитализација и дигитална видливост на услугите на Советувалиштето при НСРР и СОС линијата за жени – жртви на семејно насилство“.